Шведскиот „брз воз“ ја прегази Македонија

Македонија со убедлив пораз од  32-20 од селекцијата на Шведска го стартуваше настапот на СП 2021 во Египет, не успевајќи да приреди изненадување против фаворитот. Швеѓаните настапија без деветмина стандардни првотимци, но дури и со таков состав делуваа премоќно во однос на нашиот подмладен тим, доминираа во секој аспект на ракометната игра и заслужено стигнаа до убедлив триумф. Македонија одигра катастрофално во одбраната во голем дел од натпреварот, немајќи одговор за брзата игра на противникот, но имавме сериозен проблем и во нападот, за што доволен доказ е бројот на постигнати погодоци.

Македонија по изнуденото исклучување од Стоилов на стартот ги искористи првите два напади за водства од 1-0 и 2-1, но Швеѓаните набрзина презедоа контрола над мечот. По двете промашувања на Лазаров скандинавскиот состав поведе со 4-7, а Македонија само за момент блесна, успевајќи со три гола во низа по 5-8 да стигне до израмнети 8-8. Во тој момент исклучен беше Пешевски (при 9-9), а Швеѓаните го искористија тоа и влегоа во фуриозна серија. Брестовац задоцни со тајмаутот, земајќи го дури откако противникот поведе со 9-14, по што Шведска замина на одмор со водство од 11-16, по промашениот зицер на Димитриоски пред самиот крај на полувремето.

Вториот дел продолжи онака како што заврши првиот, со лесни голови на шведската селекција, но и со прв промашен пенаал на Кире Лазаров. Скандинавците набрзина стигнаа со плус осум (19-11), по што Македонија се обиде и со „седум на шест“, тактика со која преку Пешевски за момент ја прекинавме мини-серијата на противникот. Во 42. минута Шведска за првпат стигна и до двоцифрена предност од 24-14.

Мартин Томовски застана на голот и со две одбрани го запре налетот на шведскиот состав, по што со три гола во низа ја спушивме разликата на 24-17, оставајќи го противникот седум минути без постигнат гол. Имавме можност серијата да продолжи, но Поповски промаши зицер од контранапад, по што Готфридсон го прекина „постот“ од осум минути без гол. Фаворитот рутински го приведе мечот до крај, славејќи со конечни 32-20.

Кире Лазаров со пет гола (три од пенал) беше најефикасен во македонскиот состав, додека по двапати прецизни беа Стоилов, Пешевски, Поповски и Костески. Најдобар поединец на натпреварот беше Швеѓанецот Ване со 11 погодоци.

Следен предизвик за македонската репрезентација е дуелот со домаќинот Египет, што на програмата е в сабота со почеток во 18 часот.

Се вчитува...