Селекторот на женската ракометна репрезентација на Шведска, Хенрик Сигнел, со проверени сили ќе настапи во баражот со Македонија за пласман на СП 2017 во Германија. Сигнел повика 18 ракометарки во репрезентативниот состав кој го предводи средниот бекот на ЧСМ Букурешт, Изабел Гулден. Во состав што го подготува Сигнел за дуелот со Македонија, единствена ракометарка со помалку од десет настапи за националниот тим е десното крило Даниела Густин.
Во пресрет на баражот за СП 2017, шведскиот селектор ја истакнува фаворитската улога на својата репрезентација, но и предупредува дека никогаш не се исклучени изненадувања кога се игра со тимови од Балканот.
„Ние одиме во овие квалификации за СП во Германија како фаворити, но исто така знаеме дека секогаш е тешко да се игра против екипи од Балканот, особено на гостински терен. Очекувам тежок натпревар со голем притисок од публиката, но нашата цел е да победиме и да направиме што поголема предност пред реваншот во Истад“ – вели селекторот на Шведска, Хенрик Сигел.
Шведската репрезентација се собира на 5 јуни во Истад, а два дена потоа заминува во Хрватска каде ќе одигра контролен натпревар со хрватската репрезентација пред да допатува во Скопје на дуелот со Македонија.
Првиот натпревар од баражот за СП 2017 е на 10 јуни во Скопје, а реваншот ќе се одигра на 13 јуни во Истад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА