Шведско село со 1.500 жители, каде играше македонски репрезентативец, ќе биде место каде ќе се игра ЛШ

Дека соништата се можни, а само треба да верувате и да работите на нив, доказ е шведскиот Мјалби, кој ја пишува една од најневеројатните фудбалски приказни во Европа оваа сезона.

Клубот од малото гратче Хелевик, кое има само 813 жители, успеа да ја освои титулата и да стане шампион на Шведска.

Ако се земе предвид дека целата урбана област има околу 1.500 жители, јасно е колку е нереален овој успех. Мјалби, во чии редови настапуваше во минатото и поранешниот македонски репрезентативец и фудбалер на Силекс и Вардар, Даниел Ивановски, на тој начин стана клубот од најмалото место што некогаш произвело национален шампион во Европа.

По историскиот успех, клубот се соочува сега со нов предизвик, за настап на европски натпревари. Тие веднаш го започнаа процесот на адаптирање на стадионот ‘Штрандвален’ според стандардите за натпреварување на УЕФА.

Вложија многу труд, работа и ресурси за стадионот да биде подготвен за меѓународни натпревари. Денес, клубот потврди дека сè е завршено и дека ќе ги играат европските натпревари на свој терен.

Мјалби ќе го започне натпреварувањето од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. Ова значи дека за прв пат во историјата ќе играат европски натпревари пред домашната публика.

„Мјалби со гордост објавува дека претстојните европски квалификации ќе се играат на Штрандвален во Хелевик“, се вели во соопштението на клубот.

Клубот нагласува дека ова е огромен чекор за нивната организација. Тие додаваат дека сè е резултат на систематска работа и соработка со надлежните институции.

„Ова е исклучително емотивен момент за нас. Играњето на првите европски натпревари на нашиот стадион значи многу за клубот и за целиот регион“, рече директорот Јакоб Ленартсон.

Мјалби на тој начин ја продолжува својата сезона на бајки. Од мало село до европската сцена, приказна што нè потсетува зошто фудбалот е непредвидлив и посебен.

Се вчитува...