Женската ракометна репрезентација на Македонија, вечерва (20.30 ч.) во СРЦ „Кале“ ја пречекува Шведска во првиот натпревар од баражот за пласман на СП 2017 во Германија. Швеѓанките предводени од првата ѕвезда во тимот, Изабел Гулден, се фаворитки на хартија, но македонските ракометарки се подготвени да одговорот на предизвикот. Со поддршка од трибините во „Кале“ ќе се обидат да изборат активен резултат пред реваншот што ќе се одигра на 13 јуни во Истад.
„На хартија Шведска е фаворит, но ние не се откажуваме. И шведската репрезентација си има свои слабости кои ќе се обидеме да ги искористиме во наша полза. Инсистирам на колективна игра и сакам пред се добро да одиграме. Се надевам и на полна сали и очекуваме поддршка од нашата публика во „Кале“. Девојките заслужуваат и треба да бидат поддржани“ – истакнува селекторот Симе Симовски.
Во подготовките пред баражот, македонската репрезентација одигра три контролни натпревари на турнирот во Анталија, против селекциите на Русија (29-35), Литванија (31-24) и Турција (29-38). Во однос на претходниот циклус, Македонија против Шведска ќе биде посилна на бековската позиција со повратничката во националниот состав, Мирјета Бајрамовска. За денешниот меч во „Кале“ од составот отпаѓа Сања Дабевска, а неизвесен е настапот на Теодора Кермичиева која има мала повреда.
„Имавме добри подготовки со три контролни натпревари, последниве денови повеќе се подготвувавме на тактички план. Атмосферата во тимот е супер, ако одработиме колективно како што треба, ќе може да се бориме и за добар резултат. Бајрамовска добро се вклопи во системот на игра и нејзиното искуство и квалитет ќе ни биде голем плус во овие натпревари си Шведска. Ќе одговориме позитивно на предизвикот, растоварени од секаков притисок. Шведска има компактна репрезентација, играат брз ракомет со многу контри и полуконтри, имаат две многу добри крила и добра ротација на бековите. Квалитетна и интересна екипа “ – вели македонскиот селектор.
Репрезентацијата на Шведска во Скопје доаѓа во комплетен состав. Пред двомечот со Македонија, Швеѓанките тестираа со репрезентацијата на Хрватска и го добија овој меч со 35-28.
„Во деулот со Хрватска постигнавме многу голови, игравме брзо и имавме течност во играта и добра соработка меѓу ракометарките. Тоа ни беше битно, бидејќи во Скопје не очекува многу важен натпревар. Македонија има сличен начин на игра како Хрватска. Играат агресивно, а посебно е тешко да играш против одбрана која делува различно во различни ситуации и не знаеш што можеш да очекуваш. Во нападот, Македонија исто така игра слично како Хрватска. Имаат добри шутери на бековските позиции и опасна десна страна на која треба будно да внимаваме“ – истакнува селекторот на Шведска, Хенрик Сигнел.
Влезот за натпреварот Македонија – Шведска, во СРЦ Кале е слободен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА