Швеѓанките пресилни: Македонија убедливо поразена за крај на надежите за СП

Женската ракометна репрезентација на Македонија дожиеа убедлив пораз од 20-31 (9-12) од репрезентацијата на Шведска во првиот натпревар од баражот за СП во Германија, со што веќе извесно загубени се шансите за место на Мундијалот.

Ракометарките иако имаа убава поддршка од трибините во СРЦ „Кале“ не успеаја да обезбедат триумф против, сепак, премоќната Шведска.

makedonija zeni

Репрезентацијата на Шведска го отвори резултатот преку Лагерквист, но Македонија во следниот напад веднаш одговори преку Ѓеорѓиевска. Швеѓанките уште во третата минута имаа пенал, реализираше Гулден, но Ристовска одново израмни. Нашите ракометарки стигнаа до првото водство во 7. минута преку Ливриниќ за 3-2, и тоа од линијата за шут од седум метри. Ливриниќ беше по втор пат прецизна од седум метри за 4-3, и тоа беше единствената предност на Македонија до крајот на полувремето. При резултат од 4-4, нашите ракометарки имаа играч повеќе откако Лагерквист доби исклучување, но не успеаа да ја искористат шансата за да изградат предност.

makedonija - svedska 2

Се играше агресивна одбрана и од двете екипи. Дефанзивната линија на швеѓанките делуваше моќно на моменти, а нашите ракометарки по мал пад на концентрацијата дозволија противникот да направи разлика од три гола до 20. минута, а вториот и третиот гол на Елена Ѓеорѓиевска во првото полувреме ја прекинаа серијата на гостите.

Иако нашите ракометарки се подобрија во одбраната, ги натераа гостите на неколку пасивни напади, Серафимова во неколку наврати имаше солидни интервенции, сепак Шведска замина на паузата со три гола предност, односно со резултат од 12-9.

makedonija - svedska

Паузата повеќе им користеше на Швеѓанките. Со полна пареа тргнаа кон голот на Серафимова и ја зголемија предноста во однос на првото полувреме.  Со мини-серија од три гола Шведска стигна до водство од шест гола при резултат од 17-11, со што се најавуваше дебакл на нашата ракометна репрезентација. Премногу нереализирани напади на Македонија, нашите ракометарки без идеја како да се совлада одбраната на расположената Шведска, која пак полека, но сигурно чекореше кон победата. 19-14 беше резултатот кога Шведска имаше најниска предност по првите десет минути во второто полувреме, а од тогаш нова серија и највисоки 23-14 за гостинот од Скандинавија.

По краток прекин поради технички проблеми, натпреварот продолжи во најдобар ред, барем за Швеѓанките кои на десетина минути до крајот направија двоцифрена предност…

прекин

Со нова серија од четири гола гостинките направија разлика, на крајот за убедливи 20-31.

За гостите од Шведска најефикасни беа Сенд, Тофт Хансен, Гулден и Мелегард со по четири гола, Гулден имаше 100% учинок, додека Фернис исто така беше 100% прецизна, но со три гола. За репрезентацијата на Македонија најефикасна беше Ѓеорѓиевска со седум гола, додека Ливриниќ запиша четири погодоци.

Реваншот меѓу двете селекции е на 13. јуни, но сосема е јасно дека Македонија е речиси без никакви шанси за некаква сензација во Шведска и пласман на Светското првенство.

Се вчитува...