Швијонтек не може да преболи: Шест часа плачев без престан по поразот на ОИ

Една седмица по шокнатниот пораз во полуфиналето на ОИ од Чинвен Женг, најдобрата светска тенисерка Ига Швијонтек се огласи не криејќи го разочарувањето што не успеа да се закити со златниот медал во Париз.

„Плачев шест часа без престан по поразот. Ми требаа неколку дена да се средам, да се соочам со овој неуспех, толку многу емоции се во мене… радост за бронзата, тага, разочарување, сатисфакција…. Ни сама не можам да објаснам што точно чувствувам, но знам дека очекував злато и не успеав да стигнам до него“, истакна Швијонтек.

Полската тенисерка смета дека големиот притисок што го чувствувала во текот на ОИ придонел да потклекне во клучните моменти.

„Цел живот играм тенис само засебе. Сега играв и за своите тренери, за својата земја, за сите полски фанови ширум светот. Не верував дека ќе има преголемо влијание, но кога стигнав во Париз бев изненадена од тоа како се чувствував. Имав преголем товар врз себе, фактот дека играв за толку многу луѓе ме спречи да играм најдобро што знам“, прокоментира Ига Швијонтек.

Се вчитува...