Швијонтек: Ни самата не знам како победив, веќе бев спакувана за аеродром

Ига Швијонтек стигна до 18. победа во низа, седма во серија на Австралија Опен откако првата носителка во неверојатен дуел се врати од работ на амбисот и славеше над Даниел Колинс со 2-1 во сетови.

Фаворитката делуваше загубено на теренот во решавачкиот сет, во кој Колинс поведе со 1-4 и беше на чекор до сензација. Швијонтек најпрвин направи брејк за 2-4, но потоа на сопствен сервис почна катастрофално, по што Колинс имаше три врзани брејк топки при 0-40. Полската тенисерка успеа да се спаси и од оваа ситуација, по што уште повеќе доби на самодоверба и доминираше до крајот на сетот, славејќи со конечни 6-4.

„Господе, ни самата не знам како го направив овој пресврт. Веќе бев спакувана за на аеродром, но некако успеав да се вратам. Таа играше совршено, ми остана само да се надевам дека нема да може да го задржи истото ниво до самиот крај, чекав да почне да греши. Колинс беше одлична, одеднаш почна да игра двојно побрзо, да удира посилно, ми требаше време да се снајдам, но успеав да останам фокусирана и да стигнам до победата“, изјави Швијонтек.

Нејзина следна противничка ќе биде Носкова од Чешка, која денеска во рамките од второто коло славеше над Американката Кеслер со 2-1 во сетови.

Се вчитува...