Швијонтек закажа полуфинале со Сабаленка

Ига Швијонтек се избори за четврто полуфинале во низа на Ролан Гарос откако полската тенисерка славеше во денешната пресметка со Свитолина со 2-0 во сетови. Ова беше четврти триумф на Швијонтек на петте последни дуели со Свитолина, со што си закажа полуфинален дуел со првата носителка Арина Сабаленка од Белорусија.

Првиот сет мина во апсолутна доминација на Ига, која по израмнетите 1-1 освои пет гејма во низа и славеше со убедливи 6-1, максимално користејќи ги неизнудените грешки што ги правеше нејзината противничка. Вториот сет мина во далеку поизрамнета борба, Свитолина за момент поведе со 3-1, Швијонтек веднаш израмни на 3-3, за актуелната шампионка да блесне кога беше најважно и да го добие вториот сет со 7-5, за конечна победа и ново полуфинале во Париз.

Во преостанатите две четвртфинални пресметки што се на програмата утре силите ќе ги одмерат Андреева против Буасон, односно Гоф против Кис во американската пресметка во француската метропола.

Се вчитува...