Кошаркарската репрезентација на Македонија се пласираше во главните квалификации за Евробаскет 2021 по вечерашниот драматичен натпревар против Романија, што го загубија со 12 поени разлика (65-53). „Црвено-жолтите“ не смееја да си дозволат пораз од 14 поени разлика, тотално потфрлија во нападот, но за среќа Романците ги промашија последните два шутеви и во Плоешти стигнавме до резултатот што го посакувавме, за осигурување на првото место во групата.
Романците го отворија мечот со прецизен удар за тројка, но Македонија одговори со осум поени во низа и рано водство од 2-8. „Црвено-жолтите“ потоа влегоа во серија на лоши шутеви, домашната селекција го искористи тоа и поведе со 9-8, пред серијата на Романија со умешно положување да ја прекине Андреј Магдевски. Неефикасниот напад беше одлика на првите 10 минути, период што го завршивме со миниимална предност од 15-16, со поените во самиот финиш на Војдан Стојановски.
Во вториот дел од мечот влеговме со речиси целосно променета петорка (само со Војдан Стојановски од стартерите). Младеновски веќе во 11. Минута беше санкциониран со неспортска лична грешка, а на спротивната страна Симоновски погоди тројка за водство од 16-19. Романија поведе со 23-19, за Дамјан Стојановски со пет поени во низа накратко да ја врати Македонија во предност. При резултат 30-25 Давитков го зеде и вториот тајмаут во четвртината, Романија имаше и најубедливи „плус седум“ (34-27), пред Војдан Стојановски да погоди со звукот на сирената и на одмор да заминеме со пет поени негатива (34-29).
Домаќините со тројка го отворија второто полувреме и поведоа со осум поени разлика (37-29), романските кошаркари уште повеќе добија на самодоверба, стигнаа и до 42-33, а во многу важен момент за Македонија тројка постигна Дамјан Стојановски. Романците почнаа да промашуваат од далечина, им функционираше офанзивниот скок, но не го искористивме тоа за целосно да се вратиме во мечот промашувајќи четири напади при резултат 43-38. Романскиот селектор по шест минути без поени од поле побара тајмаут, до крајот на четвртината домашниот состав постигна само една тројка, но на спротивната страна Македонија уште послабо го финишираше овој дел од мечот (едно слободно фрлање на Дамјан Стојановски), па по двата промашени „пенали“ на Соколов во последната четвртина влеговме со седум поени негатива (46-39).
Ѓуроски погоди тројка на почетокот од последната четвртина, но кризата беше се поголема, па на пет минути до крајот Романија поведе со 11 поени разлика (57-46). Капитенот Војдан Стојановски ја презеде одговорноста, па по офанзивен скок реализираше „два плус еден“. И повторно кога беше најважно потфрливме во борбата под сопствениот кош, па со поени од „втора шанса“ Романија со нова тројка поведе со 12 поени разлика (62-50). Трајковски се најде на вистинско место и реализираше важен напад за 62-52, а веднаш потоа истиот кошаркар украде и топка под сопствениот кош.
Повторно не реализиравме, а ѓаволот ја однесе шегата кога Вотсон на 40 секунди до крајот погоди тројка за 65-52, па Романија стигна на само еден поен до загрозување на нашето прво место. Дамјан Стојановски го промаши најважниот напад за Македонија, но за среќа Вотсон беше непрецизн на спротивната страна. Хендрикс конечно фати една топка под нашиот кош, Романците побрзаа да направат прекршок, а нашиот Американец погоди само еднаш, доволно за конечни 65-53.
Дамјан Стојановски со 13 поени беше најефикасен во нашите редови, еден помалку постигна Војдан Стојановски, додека Хендрикс го заврши натпреварот со осум поени и девет скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА