Си замина од Партизан и веднаш најде нов клуб во Евролигата

Раководството на Партизан е во активна потрага по нови засилувања, но истовремено оваа екипа се раздели од уште еден кошаркар кој не беше дел од плановите на тренерот Жељко Обрадовиќ.

Ајзеа Мајк од денеска повеќе не е член на „црно-белите“ откако го раскина договорот иако имаше уште една година од истиот, потпишан минатото лето. Мајк дојде од редовите на француски Бург, најпрвин имаше проблем со повреди, а потоа се мачеше да влезе во ритам, па управата на клубот реши да му се заблагодари на услугите.

„По сезоната 2024/25 во која со „црно-белите“ освои два трофеја, Ајзеа Мајк во следната сезона ќе игра за друг тим. Постигнавме спогодба за прекин на соработката и Мајк е слободен во изборот на новиот клуб. Ајзеа, ти благодариме за сите моменти што ги минавме заедно во претходната година, засекогаш ќе останеш дел од црно-белото семејство“, се вели во соопштението на Партизан.

Европските кошаркарски медиуми најавија дека крилниот кошаркар ќе остане во Евролигата, а негов нов клуб ќе биде Баерн Минхен, со кого Мајк ќе потпише двогодишен договор во следните неколку дена.

Се вчитува...