Фудбалерот од средниот ред на Украина, членот на белгиски Вестерло, Сергеј Сидорчук верува дека неговата репрезентација ќе дојде до трите бода во пресметката со Македонија во квалификациите за ЕП 2024.
„Секако размислуваме само на трите бода. Но, не треба да заборавиме каков тежок натпревар ни беше со Македонија во јуни. Во модерниот фудбал и нема воопшто повеќе слаби репрезентации, ова повеќе не се квалификациски циклуси како пред десет години. Секоја година станува се потешко и потешко. Има се повеќе информации за фудбалот, тактиката, тренажниот процес. А фудбалерите од малите земји учат од примерот на цела Европа. Тие гледаат како да напредуваат. Сепак бодовите ни се многу неопходни, и не смее да размислуваме на ништо освен победа“ – вели Сидорчук.
Извлечени ли се поуки од првото полувреме во Скопје?
„Мислам дека Македонците малку и сами се изненадија од изданието во првото полувреме. Секако со страв најпрво гледаа на Украина, но кога ги постигнаа тие голови, стана јасно дека со секоја акција стануваат се посамоуверени. Навистина квалитетна селекција против која мора да се игра претпазливо“.
Сидорчук досега има три гола за националниот тим на Украина, од кои еден токму против Македонија во победата од 1-0 во Лвов во 2014 година.
„Многу добро се сеќавам на тој гол. Игравме во Арена Лвов, тоа беше мојот прв натпревар за сениорската селекција. Ме врзуваат навистина убави спомени за тој меч… А, како падна голот? Топката се одби од Андриј Јармоленко, а јас бев во шеснаесетникот веднаш крај голот, многу блиску, па не промашив. Бев пресреќен затоа што тој гол беше победнички. Се надевам дека сега повторно ќе славим“ – вели Сидорчук.
А, на тој натпревар во составот на Македонија, под водство на селекторот Бошко Ѓуровски, во првиот тим беа Езгијан Алиоски, Аријан Адеми и Александар Трајковски кои и сега се на списокот на селекторот Боби Милевски за дуелот утре во Прага кој се игра од 15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА