Дагур Сигурдсон денеска и официјално ја имаше промоцијата како нов селектор на хрватската ракометна репрезентација, откако „коцкестите“ за првпат во историјата се решија за странски кормилар на својот национален тим.
Разочарувачкиот настап на ЕП 2024 значеше и отказ за Перковац, а од неколкуте сратези со кои беше разговарано изборот падна на Сигурдсон. Проблем беше што исландскиот стратег беше под договор со Јапонија, но откако беше постигнат начелен договор со Хрватска тој ја прекина соработката со „самураите“, по што следеше денешниот потпис со Хрватите.
„Барав нов предизвик и авантура, работа со многу страст и можам да кажам дека сите работи се споија. Да се биде селектор на Хрватска е голем предизвик за мене, ја гледав оваа селекција на ЕП, има многу млади, но и искусни ракометари. Наоѓањето на баланс меѓу нив ќе биде голем предизвик, но јас сум ентузијаст по природа, пред нас е многу работа, но верувам дека ќе стигнеме до добри резултати“, изјави Сигурдсон на прес-конференцијата во Загреб.
Првиот предизвик следи за само неколку седмици, предолимпискиот турнир што од 14 до 17 март ќе се игра во Хановер. Таму Хрватска за ривали ќе ги има Германија, Алжир и Австрија, а најдобрите две селекции ќе добијат билети за пласман на ОИ во Париз.
„Ќе имаме малку време, само неколку тренинзи. Сепак, тоа е она што го бараме, со пласман на ОИ да ја почнеме оваа авантура“, оптимист е новиот хрватски селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА