Освојувачот на Купот на Македонија, екипата на Силекс денеска од 16 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје го пречекува молдавски Петрокуб во првиот натпревар од првото квалификациско коло во новата УЕФА Конференциска лига.
Кратовци ја препуштаат фаворитската улога на противникот, но се свесни дека, и покрај тоа што со комплетно реновиран тим, може да дојдат до позитивен резултат кој ќе ги остави надежите пред реваншот за пласман во следната рунда.
„Силекс оваа гoдина пред себе има цел да се врати во Првата лига, но и да има подолго европско лето. Нашиот противник Петрокуб е квалитетен тим кој четири сезони игра во ист состав со еден до двајца сега нови играчи. Оваа екипа последните сезони е сериозен конкурент на првакот Шериф и за шампионската титула. Станува збор за висока екипа и ќе мора да внимаваме на прекини“ – вели новиот тренер на Силекс, Горазд Михаилов, притоа дополнувајќи:
„Свесни сме дека Петрокуб ја носи фаворитската улога, но добро е анализиран противникот. Неопходно ќе биде максимално издание ако сакаме позитивен резултат. Во секој случај верувам дека патникот во следното коло ќе се одлучува по 180 минути“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА