Силекс ремизираше (1-1) на првиот натпревар против молдавски Петрокуб во првото квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига.
На дуелот кој се играше на стадионот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, Силекс брзо дојде до предност од 1-0 со голот на Додевски уште од 5. минута на средбата.
Гостите потоа ја презедоа иницијативата на натпреварот па до израмнувањето за 1-1 на полувремето дојдоа во четвртата минута од судиското продолжение со голот на Серџу Платика, по мешаницата пред голот на Силекс по нафрлувањето од десната страна.
Во второто полувреме далеку подобра игра на молдавскиот тим кој беше апсолутно поблиску до триумфот. Но, Даниел Божиновски спречи триумф на гостите со извонредните интервенции, посебно по двете 100% шанси на Михаил Платика.
Откако Молдавците промашуваа, во 83. минута на спротивната страна можеше да следи казна но Дарко Алексовски не успеа да искористи одлична можност со обид со глава од десеттина метри. Сето тоа на крајот за конечни 1-1, и оставена надеж за кратовци на реваншот со изнендување во Молдавија да дојдат до следната рунда натпревари во Конференциската лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА