Силекс ќе тестира дали Вардар е подготвен за Европа (16 ч.)

Македонскиот првак Вардар со мислите можеби е веќе во Лигата на Европа и дуелот в четврток против Зенит на арената „Филип Втори“, но денеска ќе мора успешно да ја одработи и задачата во домашниот шампионат. По репрезентативната пауза, се враќа Првата лига со своите возбудувања, а „црвено-црните“ ден порано ќе го пречекаат Силекс за да имаат доволно време за одмор до европскиот меч со Зенит од Санкт Петербург.

Тренерот Чедомир Јаневски не го ни запозна доволно добро во тимот, а од Вардар си замина репрезентативецот Стефан Спировски. Сега ќе треба да се воиграат некои други момци, но, сепак, има огромен ростер и ќе треба само да го пронајде најдоброто решение.

Вардарци сакаат да изградат победничка атмосфера пред Зенит, и јасно е дека императив им е триумф на денешниот меч против Силекс.

Но, кратовци си имаат свои планови. Тие на последните две гостувања против Вардар извлекоа бод, па тренерот Жикица Тасевски и неговите фудбалери посакуваат сличен развој на настаните и на денешниот натпревар. Ќе се обидат да ја искористат фокусираноста на шампионот на европските предизвици и да извлечат барем бод од „Филип Втори“.

„Можеби Вардар ќе ги чува силите и за мечот во четврток со Зенит, кој за нив има многу големо значење. Но, ние не сакаме да се оптоваруваме со тоа туку да ја играме нашата игра. Вардар е голем фаворит секако, кој има одлични индивидуалци, висококвалитетни фудбалери. Тоа ќе биде мотив и за нас да прикажеме добра игра“ – вели дефанзивецот на Силекс, Ангел Тимовски.

Останатите четири натпревари на програмата се утре, со почеток во 16 часот. Се среќаваат: Шкупи – Работнички, Шкендија – Победа, Пелистер – Скопје, Академија Пандев – Ренова.

Се вчитува...