Заврши одморот и за фудбалерите на Силекс. Тренерот Горазд Михајлов им даде малку подолг одмор со оглед дека кратовчаните се слободни во првото пролетно коло и ќе стартуваат на 26 февруари во дерби мечот со Шкупи во Кратово. Се до 2 февруари Силекс ќе тренира во Кратово, а потоа кратовчаните заминуваат на подготовки во Турција, во Анталија каде се веќе договорени пет пријателски контролни средби. Првиот меч е со полскиот прволигаш Ресовија, потоа силите ќе ги одмерат со Сутјеска од Никшиќ. За првпат ќе играат и со клубот Согдонија од Узбекистан, а последните два натпревари во Анталија ќе ги одиграат со Динамо од Киев и со Торпедо од Грузија и на 13 февруари се враќааат во Македонија.
Во годинашново првенство, Силекс под раководство на тренерот Горазд Михајлов, кој веќе две сезони успешно го води Силекс на сите натпревари, иако има многу понуди до странство, високо котира на табелата. Се наоѓа на четвртото место со големи шанси и годинава , како и минатата да игра во еден од европските купови, или со пласман во првенството на Првата лига или во Купот бидејки е пласиран во полуфиналето заедно со Шкендија, Струга и Македонија. Ждрепката уште не е извлечена кој со кого ќе игра. Горазд Михајлов како да се специјализира за куп натпреварите со клубовите кои ги водeше. Досега трипати беше финалист. Го освои купот 2013 година како тренер на Тетекс кога на пенали ја победи Шкендија, во 2015 со Тетекс загуби во финалето од Работнички со 2:1. Минатата година седеше на клупата на Силекс кој во финалето со Македонија беше поразен на пенали.
За пролетната сезона Силекс се засили со Халил Мухаремовиќ од Подгорица, со младинскиот репрезентативец на Македонија до 21 година Хамза Рамани и Марко Георгиевски од Академија Пандев. Во план се уште три засилувања. Клубот го напуштија Цветановски, Коцев, Маринковиќ и Јанкуловски кои спогодбено ги раскинаа договорите со клубот.
Силекс сигурно ќе беше и повисоко пласиран на табелата доколку не беа оние два непланирани порази на домашен терен од Победа и Македонија, но затоа пак кратовчаните ги победија во гости Брегалница и Тиквеш, играа нерешено на гостувањата со најголемите фаворити за титулата Шкупи и Шкендија, што јасно покажува дека Силекс и во пролетната сезона ќе се бори за висок пласман.
„Нашата цел е и годинава излез на европската сцена за што имаме реални шанси“ – ни изјави тренерот Горазд Михајлов, еден од најмладите и најуспешните тренери во Македонија, притоа дополнувајќи:
„Најважно е добро да се подготвиме, имам доверба во овие играчи, цело Кратово живее за својот клуб, немаме никакви финансиски проблеми, клубот не им должи ниту денар на играчите, што е многу важно, останува да играме. Првенството е долго, од нас сите на зависии како ќе го завршиме. Би бил пресреќен ако годинава повторно бидеме учесници во еден од европските купови“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА