Силекс оствари победа над Пелистер во Кратово со 3-1, во рамките од 10. коло од Првата лига. На тешкиот и дождлив терен, подобро се снајдоа домашните играчи, и на крајот дојдоа до трите бода. Битолчани успеаја да се приближат до еден гол, меѓутоа Силекс успеа и со трет гол да ги реши сите дилеми околу победникот, а имаше уште неколку прилики за поубедлив триумф.
После неколку неискористени шанси, конечно, Додев во 19. минута успеа да го совлада Јовчевски. Од левата страна упати топка во казнетиот простор, која се одби од еден гостински играч, и од стативата заврши во голот. Потоа шанса имаше и Мирчевски, и Додев повторно, но промена на резултатот до полувремето немаше.
Во вториот дел Силекс се доближи до победата со вториот гол на Додев. По нафрлената топка од левата страна, играчот на Силекс со волеј го совлада Јовчевски за 2-0.
После вториот гол, како да дојде до опуштање кај домашните, а гостите успеаја да дојдат до шанса, и ја искористија. Една изблокирана топка дојде до Спировски на десетина метри кој шутираше прецизно во голот на Џеков.
Дилемата околу победникот беше решена пред самиот финиш, кога Говедарица во една соло акција успеа да го совлада Јовчевски, и така да стави точка на победата на кратовскиот тим. Силекс можеше и до поубедлив триумф, меѓутоа ударот на Додев заврши во стативата, додека обидот на Пиреш одлично го одбрани Јовчевски и така не дозволи уште некоја топка во неговиот гол на овој натпревар.
Десетото коло се комплетира со утрешниот меч помеѓу Шкендија и Вардар во Тетово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

