Шкендија и Силекс ја продолжуваат активно битката за титула во Првата македонска фудбалска лига по денешните пресврт победи на гостувањата против Беса односно Шкупи во 28. коло. Тиквеш, пак, запиша значајна победа од 2-1 против АП Брера во битката за опстанок. Работнички го победи Пелистер на домашен терен со 2-1, а Струга ТЛ и Гостивар ремизираа (1-1), но сите натпревари минаа во сенка на повлекувањето од терен на фудбалерите на Воска спорт на дуелот со Вардар во Охрид.
Во максимално интересна пресметка на Чаир, Силекс победи со 1-2 против Шкупи, и покрај предноста на домашните од првото полувреме.
Шкупи поведе благодарение на феноменалниот гол на Ансах во 32. минута, кој го матираше противничкиот голман со шут од 30 метри.
Но, во вториот дел тотална доминација на кратовци. Најпрво Марко Ѓорѓиевски продолжи со одличната форма за гол за 1-1 в 62. минута, а потоа Алиќ во 69. минута погоди за конечни 1-2.
На дуелот во Гостивар, Шкендија со пресврт славеше со 2-3 против Беса. Домашните поведоа со погодокот на Селмани уште во 13. минута.
Но, Шкендија брзо се врати во игра. Со голот на Бесарт Ибраими од пенал во 23. минута лидерот израмни на 1-1. А веќе во 36. минута по убава акција, Тамба погоди за 1-2.
Откако во второто полувреме Беса, израмни на 2-2 со вториот гол на Селмани, на крај Мерџани во 80. минута донесе победа од 2-3 за Шкендија.
Тиквеш победи со 2-1 против АП Брера на дуелот во Кавадарци.
Кавадарчани поведоа благодарение на феноменалната акција во 24. минута од средбата. Извонреден „мат во само два потези“. Феноменална „топка со очи“ на дистанца од 60 метри на капитенот Даниел Мојсов, која Стојкоски извонредно од прва ја смести во противничката мрежа…
Во второто полувреме за Тиквеш погоди и Воша во 85. минута за 2-0, а гостите во последните секунди успеаја само да го ублажат поразот.
Работнички победи со 2-1 против Пелистер и покрај предноста од 0-1 на гостите благодарение на голот на капитенот Мирко Ивановски во 40. минута од средбата.
Но, Гандо потоа израмни со прекрасен гол за „романтичарите“…, а во 88. минута истиот играч ја донесе и победата за Работнички.
Натпреварот во Охрид меѓу Воска Спорт и Вардар не го дочека својот крај, со прекин во 75. минута при резултат, 1-1.
Домашните фудбалери, по интервенција на стручниот штаб на клубот, во 75. минута од натпреварот се одлучија да го напуштат теренот револтирани од судиските одлуки на натпреварот. И покрај чекањето на гостинските фудбалери, по десет минути по повлекувањето на домашните, беше означен и дефинитивен предвремен крај на мечот.
Повлекувањето од теренот на Воска Спорт следеше откако Вардар во 71. минута успеа да го израмни резултатот на 1-1. По шутот од 12 метри на Дурански, топката од гредата се одби зад грбот на домашниот голман. Домашните сметаа дека топката не ја минала гол-линијата, но главниот судија, се чини оправдано, го призна голот.
И покрај револтот, охриѓани продолжија со играта, но по три минути неочекувано се одлучија дефинтивно да го напуштат теренот, откако реагираше тренерот Клодијан Арбери.
Фудбалерите на Вардар останаа на терен, но откако и службените лица по десет минути се повлекоа во соблекувалните, дефинитивно беше означен предвремен крај на мечот со прекин во 75. минута, при резултат 1-1.
Претходно, Воска Спорт дојде до водство во 17. минута од средбата, со голот на Осеи…
ПРВА ЛИГА – 28. КОЛО
Гостивар: БЕСА – ШКЕНДИЈА 2-3
Селмани 13′, 65′ – Ибраими 23′(п), Тамба 36′, Мерџани 80′
Скопје: ШКУПИ – СИЛЕКС 1-2
Ансах 32′ – Ѓорѓиевски 62′, Алиќ 69′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР 2-1
Гандо 68′, 88′ – Ивановски 40′
Охрид: ВОСКА СПОРТ – ВАРДАР 1-1 (ПРЕКИН ВО 75. МИНУТА)
Осеи 17′ – Дурански 71′
Кавадарци: ТИКВЕШ – АП БРЕРА 2-1
Стојкоски 24′, Воша 85′ – Травали 90’+4
Струга: СТРУГА ТЛ – ГОСТИВАР 1-1
Кехинде 86′ – Каланоски 51′
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА