Силекс желен за продолжување на налетот… Арсими осоколен по ремито со Шкендија!

Четвртата победа во првенството Силекс ќе ја бара на гостувањето во Гостивар против Арсими, денеска од 16:30 часот.

Ова ќе биде прв гостински дуел за кратовскиот тим, со оглед дека досега одигра два натпревари на свој терен, а еден го доби со службени 3-0 против Шкупи. Кратовци досега во три кола немаат примено гол, а капитенот Дарко Анѓелески се надева дека серијата на победи и „чиста мрежа“ ќе продолжи и по гостувањето во Гостивар.

„Сакаме во Гостивар да одиграме добар натпревар, да наметнеме наш ритам од првата минута и со поволен резултат да се вратиме во Кратово. Се надевам дека ќе ја продолжиме серијата победи и натпревари без примен гол. Играме против добар тим со доста нови фудбалери во своите редови. Добро ги анализиравме, цела недела се подготвувавме за овој натпревар и сметам дека ако ги исполниме задачите од стручниот штаб од првата до последната минута, со поволен резултат ќе си заминеме од ова гостување“ – вели Анѓелески.

Играчот од средниот ред на Силекс истакнува дека амбициите на клубот и оваа година се насочени кон европските натпреварувања.

„Амбициите на Силекс се исти како и минатата година, местата што водат во Европа. Секако, ако имаме шанса да се бориме и за титулата, ќе се обидеме максимално да ја искористиме. Најважно е да бележиме добри резултати, да влегуваме мотивирани во секој меч и да одиме на трите бода.“

Но, по ремито со шампионот Шкендија во Тетово, и екипата на Арсими максимално амбициозно ја очекува пресметката со Силекс.

Еден од најистакнатите играчи од средниот ред на Арсими, Малиќ Белули, зборува со почит, но и со оптимизам за претстојниот дуел.

„Свесни сме дека не очекува многу тежок натпревар против квалитетен противник каков што е Силекс. Знаеме дека ќе биде голем предизвик, но нашиот тим работеше со посветеност во изминатиот период и сме максимално мотивирани да дадеме сè од себе на теренот.“

Белули дополнително истакнува дека екипата смета на силната поддршка од своите верни навивачи:

„За нас е важно да прикажеме дисциплинирана игра и да се бориме до последниот свиреж за позитивен резултат. Ги повикуваме навивачите да бидат со нас, затоа што заедно со нив веруваме дека можеме да ги оствариме нашите цели и да ја завршиме оваа фаза со позитивен резултат.“

Натпреварот Арсими – Силекс ќе се одигра денеска на градскиот стадион во Гостивар, со почеток од 16:30 часот и директен пренос на МТВ 3.

Се вчитува...