Ракометниот вицешампион на Македонија, Алкалоид го забележа и вториот пораз сезонава во Лигата на Европа откако вечерва на домашен терен во 3. коло загуби од данскиот Бјерингбро Силкеборг со 23-31 Повторно големиот број на промашени зицери, меѓу кои дури пет пенали беше главната болка на македонскиот тим која во продолжението на сезоната мора да биде поправена доколку сакаат да покажат нешто повеќе во Европа.
Алкалоид со погодокот на Младеновиќ го отвори натпреварот поведувајќи со 1-0, а по грешката во првиот напад на гостите преку Ѓоргиев домаќините поведоа и со 2-0, а данскиот тим остана и со играч помалку по исклучувањето на Солстад. Голманот Ромеро Карерас ја забележа првата интервенција, а со првиот погодок на Серафимов од пенал Алкалоид поведе и со 3-0. По добриот старт следуваа неколку грешки на македонскиот вицеашмпион кој Силкеборг ги искористи и во шестата минута стигна до израмнување 4-4. Гостите до првото водство во натпреварот стигнаа во 12. минута кога преку Кристенсен поведоа со 5-6.
Домаќините продолжија со техничките грешки во нападот, а по исклучувањето на Иван Џонов, Силкеборг стигна до плус три во осумнаесеттата минута (6-9), по што Кирил Лазаров мораше да го интервенира со својот прв тајм-аут. Ниту тајм-аутот не вроди со плод бидејќи Данците на влезот на 24. минута за првпат стигнаа и до плус пет (8-13). До крајот на првиот дел гостите ја задржаа предноста и на пауза заминаа со позитива од 12-16.
Второто полувреме стартуваше лошо за македонскито вицешампион. Повторно голем број промашени зицери во нападот, кои резултираа со тоа гостите во 38. минута да стигнат до највисоките плус шест 14-20. Во следниот период гостите на искуство ја одржуваа предноста која по 45 минути изнесуваше 17-22. Благојче Трајковски и на овој меч беше одличен на голот, но и тоа не беше доволно бидејќи неговите соиграчи во нападот, едноставно не можеа да го совладаат одличниот Локвист кој во 56. минута стигна и до својата 18. интервенција по која Силкеборг стигна до највисоите плус осум (21-29). До крајот само рутински беше приведен мечот за конечни 23-31.
Иван Џонов повторно беше најрасположен во таборот на нашиот тим завршувајќи го натпреварот со седум гола. Кај победникот Лудвик Халбак постигна девет погодоци, а на голот неверојатен беше Микел Локвист со осумнаесет интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА