Силва: Се уште сме во подобра позиција од Ливерпул

Манчестер сити синоќа одигра реми без голови (0-0) на гостувањето кај Кристал Палас во последниот натпревар од 29. коло во англиската Премиер-лига. Со ова реми доколку Ливерпул го добие заостанатиот меч против Арсенал в среда, ќе му се доближи на актуелниот шампион на Англија само на бод негатива на првенствената табела.

Играчот за врска на тимот од „Етихад“, Бернардо Силва и покрај се, смета дека неговиот тим се уште е во подобра позиција за освојување на титулата од клубот од „Енфилд роуд“.

„Останаа уште девет кола до крајот на шампионатот. Нашата позиција се уште е подобра од таа на Ливерпул, бидејќи тие треба да ни гостуваат на нашиот стадион. Никогаш не е лесно кога гостуваш во Премиер-лигата. Сакавме да победиме против Кристал Палас, но не успеавме во тоа. Одиме понатаму“, изјави Силва. 

Натпреварот кој можеби и ќе одлучува околу титулата во Англија ќе се игра на 10. април.

Се вчитува...