Албанскиот селектор Силвињо очекува неговите избраници да одиграат уште еден квалитетен меч, утревечер против Шпанија како што тоа беше случај на првите две пресметки со Италија и со Хрватска.
На Албанците во прилог им оди фактот дека Шпанија е сигурно прва и ќе настапи со комбиниран состав, но бразилскиот стратег на клупата на Албанија порача дека „црвената фурија“ е опасна и доколку настапи со својата втора постава.
„Без разлика кој ќе игра, Шпанија е моќна репрезентација. Знаеме дека нивно главно оружје е поседот, одлично наоѓаат простор, беспрекорно се организирани. Ние сигурно ќе влеземе без страв и преголем респект, едвај чекаме да излеземе на терен и да играме против селекцијата на Шпанија“, изјави Силвињо.
Тој ја прокоментира и казната што УЕФА му ја изрече на Даку, откако албанскиот напаѓач доби суспензија од два натпревари поради навредите упатени кон Македонците и Србите за време на прославата на ремито со Хрватска во второто коло.
„Џимшити го кажа истото претходно, јас се согласувам, ние сме овде да бидеме дел од еден брилијантен настан, треба да зборуваме само за фудбал. Не сакам да се троши енергијата за било што друго. Што и да одлучи УЕФА, тоа е веќе решено и нема потреба од дополнителни дискусии“, истакна албанскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА