Французинот Антоан Гризман и следната сезона ќе го носи дресот на „јорганџиите“. Тренерот Диего Симеоне, како што откриваат медиумите на Пиринеите, успеал да го убеди Гризман да остане во клубот, откако и тој самиот одлучил да остане на „Висенте Калдерон“ уште една година.
Французинот во неделата го забележа јубилејниот 100. натпревар во дресот на Атлетико во победата од 3-0 против Валенсија и го прослави со два погодоци. Иако медиумите веќе два трансферни периоди го селат Гризман во Јунајтед, тренерот на Атлетико Мадрид го убедил и следната сезона ќе ги брани нивните бои. Се шпекулираше дека „ѓаволите“ се подготвени да платат 100 милиони евра за Гризман, нудејќи му да заработува идентично како и неговиот сонародник, Пол Погба.
„Доколку Симеоне остане, останува и Гризман. Тој е среќен тука, тоа го покажува и на теренот и надвор од него“, пишуваат шпанските медиуми.
За Манчестер јунајтед ова значи дека сега своите скаути ќе мора да ги насочи кон други напаѓачи и потенцијални трансфери. Се шпекулира дека Мурињо се распрашувал за француската сензација на Монако, Килијан Мбапе, но, малку веројатно е дека Португалецот би се потпрел на толку млад и се уште недоволно искусен играч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА