Симеоне по ремито со Реал: Барселона е најдобар тим во Шпанија

Диего Симеоне, тренерот на Атлетико Мадрид, зборуваше на прес-конференција по ремито на дербито против Реал Мадрид (1:1) во 23. коло од Ла Лига и даде изненадувачка изјава за најголемиот ривал на „кралевите“. 

Неговиот тим имаше предност на „Сантијаго Бернабеу“ откако Хулијан Алварез мајсторски реализираше пенал во 35. минута, но „јорганџиите“ на крајот мораа да се задоволат со реми и бод откако Килијан Мбапе израмни во вториот дел.

„Одигравме добро прво полувреме, но немавме доволно смиреност на крајот за подобро да ги решиме ситуациите. Второто полувреме почна со нивниот гол, потоа ја погодија пречката, играа со поголем интензитет… Мислам дека имаше ситуации што можевме да ги решиме подобро, но не успеавме. Чувствуваме дека можевме да направиме нешто повеќе“, рече Симеоне.

Шампионската трка станува се повозбудлива. Има само бод разлика меѓу првопласираниот Реал и Атлетико, додека Барса заостанува пет бода со натпревар помалку. И покрај тоа што е најоддалечен од врвот, аргентинскиот стручњак смета дека Каталонците се фаворити.

„Ние сме во многу добра позиција, но Барса, повторувам, е најдобриот тим. Ќе видиме дали ќе успее да победи во Севилја и дали табелата дополнително ќе се згусне за играчите малку повеќе да се забавуваат “, додаде Симеоне.

Се вчитува...