ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Црногорците имаат причина за задоволство откако одиграа одличен натпревар и заслужено славеа на мечот со Македонија. Тие ги оставија зад себе проблемите со коронавирусот, одиграа далеку подобро од нашите ракометари и заслужено се радуваа на победата.
„По тролку стресни денови што ги имавме зад себе, немав ни време да ја гледам средбата на МАкедонија со Словенија. Имав само неколку часа за подготовки, откако дознав дека нашиот селектор нема да може да го води тимот, па успеавме да составиме тактика што вроди со плод. Можам само да им честитам на моите играчи за играта, за колективната храброст, за оставеното срце на терен. Сите знаат дека играме со големо срце, денеска го покажавме тоа и секако дека сум пресреќен“, изјави помошниот тренер Драшко Мрваљевиќ.
Голманот Небојша Симиќ бранеше одлично и заслужено ја доби МВП-наградата, а по дуелот се осврна на големите проблеми со кои се соочуваат Црногорците на овој шампионат.
„Честитки до Македонците за фер-играта и одличниот меч. Мислам дека Македонија заслужи повеќе од овие први две средби, но секогаш е тешко кога ќе се влезе во транзиција, кога Кире Лазаров не може да игра и товарот треба да го преземат помладите ракометари. Успеавме за еден ден од најлошото искуство да го извлечеме најдоброто чувство, да славиме на меч од ЕП. Цело време не знаеме кој може да тренира, кој смее да игра, но денеска покажавме тимски дух, ја израдувавме цела Црна Гора. Сега ќе биде тешко, бидејќи нема кој да не рехабилитира затоа што имаме тројца физиотерапевти што се позитивни. Не знаеме што да правиме, треба да се сними филм за нас. Едно е сигурно, нема да се предадеме, туку во последното коло ќе се обидеме да ја победиме Словенија, убеден сум дека тоа е возможно “, истакна Симиќ по мечот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА