Новата сезона носи нов предизвик за 20-годишната македонска репрезентативка Симона Стојановска. Ракометарка на Вардар СЦЈС, по завршувањето на сезоната го напушта „Јане Сандански“ и во наредните две сезони ќе го носи дресот на полскиот клуб Погон Балтика Шчечин.
На младата македонска ракометарка ова ќе и биде прво интернационално искуство и шанса да го докаже својот квалитет во многу посилна лига. Двегодишниот договор со Балтика Шчечин беше официјализиран птред неколку дена, а во полскиот клуб ја преставија Стојановска како надежен бек и едно од главните засилувања за следната сезона.
„Ова ќе ми биде прво интернационално искуство. Сакам предизвици и сакам да изградам една врвна кариера. Поради малкуте натпревари и слабата македонска лига беше пресудно да го направам овој прв чекор. Од Погон Балтика ми понудија двегодишен договор со многу добри услови кои ми ја олеснија одлуката за да ја прифатам оваа понуда. Ми се допаѓа земјата, културата, ќе имам можност и да научам уште еден јазик. Се надевам дека добро ќе се вклопам во новата средина“ – истакнува Симона Стојановска.
Балтика Шчечин е петтопласирана екипа во првенството на Полска. Веќе е комплетиран тимот за следната сезона со кој како што најавуваат ќе се борат за повисок пласман и за место во европските купови. Амбициите на клубот и довербата што ја доби се уште еден мотив повеќе за македонската репрезентативка да одговори на најдобар начин на обврските во новиот клуб.
„Секогаш сум оптимист и верувам дека со напорна работа, голема желба и љубов, нормално, и со малку среќа, ќе ги оправдам очекувањата и големата доверба што ми ја укажаа од Погон Балтика. Се надевам, ќе одговорам на задачата на најдобар начин и ќе му помогнам на мојот нов тимот заедно да ги оствариме зацртаните цели“ – вели македонската репрезентативка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА