МЗТ Скопје по триумфот над Блокотехна одигра уште еден одличен натпревар, славејќи на гостувањето против Гостивар со резултат 81-88. Избраниците на Ѓорѓи Кочов полека, но сигурно влегуваат во посакуваната форма токму во клучниот дел од сезоната, пред плејоф возбудувањата и битката за одбрана на шампионскиот трофеј. Извонредно издание имаше репрезентативецот Марко Симоновски, кој погоди осум тројки и беше најзаслужен за оваа победа на „мееталците“.
Првата четвртина донесе израмнета битка, за МЗТ со поените на Лалиќ да ја добие со 18-20. „Металците“ беа подобар противник во вториот период од мечот, шампионот набрзина поведе со 22-30, потоа одржувајќи ја предноста до крајот на полувремето (33-41). Нападот функционираше беспрекорно и во второто полувреме, што му овозможи на МЗТ рутински да ја одржи предноста се до самиот крај и да стигне до значајна победа за задржување на второто место на табелата.
Симоновски одигра фантастичен меч погаѓајќи осум тројки од десет обиди за 24 поени, надополнети со шест скока и пет асистенции. Бојиќ постигна 18, а Дамјан Стојановски 16 поени за МЗТ, додека кај Гостивар најдобри поединци беа Димчевски со 25 поени и Сегариќ со дабл-дабл од 16 поени и 11 асистенции.
Следен предизвик за актуелниот шампион ќе биде дуелот со Работнички, ривал од кого „металците“ сезонава веќе имаат три порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА