Марко Симоновски ќе го има својот камбек во дресот на македонската репрезентација на претстојниот меч со Косово, што „црвено-жолтите“ ќе го играат в недела во Гевгелија во рамките од претквалификациите за Евробаскет 2021. Проблемите со повредите се надминати, исто како и недоразбирањата со раководството на федерацијата, па одличниот шутер му се стави на располагање на стручниот штаб на националниот тим.
„Добро е чувството повторно да се биде во репрезентацијата. Искрено верувам дека оваа репрезентација поседува потенцијал, дека може да игра и на Евробаскет 2021. Пред неколку години имавме сериозна смена на генерации, и тогаш многумина не веруваа во нас, но обезбедивме пласман на европскиот шампионат. Сега имаше мал пад, но тоа не го менува фактот дека имаме доволно квалитетни и искусни, но и млади и талентирани играчи, за како силен колектив да се избориме за место на Евробаскет“ – оптимист е Марко Симоновски.
По двете победи на стартот од новиот претквалификациски циклус, јасно е дека евентуална победа в недела широкко ќе ги отвори вратите за пласман во главните квалификации.
„Не бев дел од селекцијата при последната победа во Приштина, но секако дека го следев тој натпревар. Едно е сигурно, нема да ни биде нималку ленсо, ќе мораме добро да се подготвиме во наредните денови и в недела да одиграме најдобро што знаеме за да стигнеме до посакуваната победа“ – изјави Симоновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА