Марко Симоновски го имаше својот камбек во репрезентативниот дрес на натпреварот со Косово, давајќи свој придонес во новата победа на „црвено-жолтите“.
„Одлично беше чувството повторно да се биде дел од националниот тим. Ме радува што е создаден одличен тимски дух, атмосферата е на највисоко можно ниво, а од неа произлегуваат и добрите резултати. Во изминатите денови работевме напорно, се подготвивме тактички за противникот и заслужено стигнавме до победата. Доминиравме речиси цел натпреварот, малиот пад во втората четвртина не се должеше на опуштање, туку на промашување на неколку отворени шутеви. Како и да е, тоа не се одрази на конечниот исход бидејќи во второто полувреме бевме на посакуваното ниво и заслужено ги освоивме планираните бодови. Искрено верувам дека со ваков тимски дух можеме против секого, најпрвин да славиме во Романија, а потоа и максимално да се подготвиме за главните квалификации“ – истакна Симоновски.
Македонија на 21 февруари гостува на селекцијата на Романија во својот последен меч од претквалификациите за Евробаскет 2021. За зачувување на првото место на табелата „црвено-жолтите“ можат да си дозволат и пораз до 13 поени разлика, бидејќи на првиот меч во Скопје го совладаа овој ривал со 90-76.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА