Актуелниот кошаркарски вицепрвак, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, продолжи со задржувањето на македонските носители на играта од мината сезона, откако денеска беше официјализиран договорот и со Марко Симоновски (29 год, 191 см.), кој се обврза на двегодишна верност.
Доскорешниот македонски репрезентативец и во изминативе две сезони беше дел од таборот на „сино-белите“ во кој ќе остане најмалку до 2020 година. Симоновски минатата сезона настапи на девет меча во АБА-лигата со просек од 8,1 поен и 2,1 скок додека во домашниот шампионат на 22 меча просечно реализираше 12 поени и 3,2 скока. За одбележување се неговите одлични настапи во финишот од Суперлигата, кога Симоновски погоди осум тројки против Гостивар, а дури девет против Блокотехна.
Симоновски кариерата ја почна во Вардар по што настапуваше уште и за Работнички, австриска Аркадија, Фени индустри и за Куманово. Искусниот шутер е седмиот кошаркар кој во моментов на располагање го има нашиот тренер Ѓорѓи Кочов, по Дамјан Стојановски, Љубомир Младеновски, Дарко Соколов, Андреј Маслинко, Србинот Андрија Бојиќ и Американецот Лестер Медфорд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА