Македонија ЃП утре од 17:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ на комплексот на ФФМ во Скопје ја очекува првиот натпревар од првото квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига против РФС од Рига, Летонија.
Шефот на стручниот штаб на „лавовите“, Горан Симов вели дека екипата е комплетно подготвена за европскиот предизвик, но ќе мора да се даде максимум ако се сака позитивен резултат.
„Сакам најпрво да им посакам среќа на сите македонски претставници во Европа, за што поуспешни резултати ова лето“ – истакна на почетокот Симов, веднаш дополнувајќи:
„Добро го анализиравме нашиот противник и свесни сме за неговите квалитети. Имаат и добри, но и лоши страни кои ќе се обидеме да ги искористиме за поволен резултат. Нивната дисциплина на игра е навистина на високо ниво, а индивидуално исто така се добри. Свесни сме дека немаат пораз, мора да бидеме мудри, силни… Против нас ќе го имаме и топлото време, но факт е дека нив ќе им биде уште потешко“.
Сепак, јасно е дека фокусот ќе биде ставен на сопствената игра…
„Во принцип нашата екипа е иста од лани, имаме двајца-тројца нови играчи, можеби и имаме помала конкуренција на одредени позиции но јасно е дека желбата за успех е иста. Имавме време да работиме и да подобри некои сегменти од играта кај кои утврдивме недостатоци. Низ текот на натпреварите можеби ќе се смени и нашиот стил на игра наредниот период, но секако останува фокусот за позитивен резултат на првиот меч како би имале полесна задача на реваншот. Подготвени сме, имаме огромна желба и сакаме да победиме, но не се прашуваме само нив“ – вели Симов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА