Македонскиот прволигаш Силекс загуби од косовската Дрита со 0-2 во второто квалификациско коло од Лигата на Европа. Тренерот на кратовци Горан Симов ја презема целата вина за поразот.
„И честитам на Дрита за потполно заслужената победа која можеше да биде и многу поубедлива. Првото полувреме игравме плашливо и тие и ние. Во второто полуврем брзо примивме гол и тоа беше крај за нас. Ние не влеговме во натпреварот како што треба и затоа јас ја земам целата одговорност. Јас сум виновен за поразот бидејќи јас требаше да ја издигнам екипата и да ја однесам на прав пат. Немавме никаква идеја, иако бевме агресивни, сепак тоа не беше доволно, бидејќи имавме страв од победа. Ќе повторам најголем кривец за поразот сум јас. Ова е најлошиот натпревар на Силекс откако сум на клупата. Немавме ниту една шанса“, изјави Симов.
Силекс сега се насочува кон настапите во домашниот шампионат во кој во моментов се наоѓа на втората позиција на табелата.
Тренерот на Дрита Ардијан Нухии имаше само пофални зборови за Силекс, а како клучен во мечот го означи стартот на второто полувреме во кое неговиот тим стигна до водство.
„Тежок натпревар. Наша предност беше што добро ги познавам Силекс, но моите играчи се тие што ја завршија работата. Задоволен сум од триумфот, а клучен беше почетокот на вториот дел во кој успеавме брзо да постигнеме гол“, изјави Адријан Нухии,
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА