Симов: Жал ми е што Ѕинго не е со нас да се радува на овој трофеј

Фудбалерите на Силекс по пауза од 24 години повторно се радуваа на трофејот во Националниот куп на Македонија, откако во финалето по пенал трилер славеа над Академија Пандев со 4-3.

Тренерот на кратовци Горан Симов по натпреварот изјави дека единствено што жали е што поранешниот сопственик на клубот Љубисав Иванов Ѕинго не е со нив да се израдува на трофејот.

„Ова е божја волја. Иако ништо не е случајно затоа што овие момци се херои. Минатата сезона стигнаа до Лигата на шампионите, а сега по толку години повторно носат трофеј за Кратово. На сите само ни е жал што Љубисав Иванов Ѕинго не е тука со нас да се израдува на овој пехар. Силекс е мој втор дом. Освоив пехар со него како играч, а сега остварувам уште еден сон“, истакна Симов по денешното финале притоа дополнувајќи: 

„Но, трофејот во купот веднаш го забораваме, затоа што ни следи меч за опстанок во Првата лига. Силекс не смее да си дозволи да испадне од прволигашкото друштво. Имаме тешка сезона зад нас во која одиме од очајот до сјајот“, дополни Симов.  

Се вчитува...