Македонските ракометарки во новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2018 во Франција и за враќање на европската сцена за противници ќе ги имаат Шведска, Србија и квалификантот од претквалификациската група А (Фарски Острови, Финска или грција). Во однос на другите шест групи што беа извелечни со денешната ждрепка во Париз, ова е можеби и најлесната група во овој квалификациски циклус, со познати противници за македонската селекција. Македонските репрезентативки со селекцијата на Србија неодамна одиграа два контролни натпревари, а со Шведска „ќе се запознаеме“ во јунскиот бараж за СП 2017.
„За нас се уште се тешки сите групи, но сега веќе не сме репрезентација без искуство и не се предаваме против ниеден противник. Секој циклус за нас е искуство.Ова е група во која, условно кажано, може да се игра. Нормално, ни Шведска ни Србија не се репрезентации што може да се потценат, но не смееме ни да ги преценуваме. Од претквалификациската група според квалитетот верувам дека противник ќе ни бидат Фарски Острови, што ни е исто така позната репрезентација од ланскиот квалификациски циклус“ – истакнува селекторот на македонската репрезентација, Симе Симовски.
Квалификациските натпревари за ЕП 2018 за ракометарките стартуваат на крајот на септември и ќе се играат во три фази. Првите две кола се на 27 септември и 1 октомври, втората фаза (3 и 4.коло) е на 21 и 25 март 2018, а завршните две кола ќе се одиграат на 30 мај и на 3 јуни 2018. Пласман на ЕП 2018 обезбедуваа првите две репрезентации од секоја група и најдобрата третопласирана репрезентација во квалификациите.
„Се уште е рано нешто однапред да се предвидува, но ние сигурно ќе се обидеме да ги искористиме сите можност и да одиграме најдобро во тие натпревари. Со Србија одигравме два контролни натпревари иако и ние и тие не бевме комплетни. Мислам дека не се непобедливи без разлика дали во составот ќе се вратат и оние ракометарки што не играа – Лекиќ, Цвијиќ… Со Шведска досега не сме играле, по јунскиот бараж ќе биде многу појасно колку можеме со ваков противник. Тоа ќе биде добро искуство за нас за следните натпревари. Ќе се обидеме од натпревар во натпревар да бидеме се подобри и подобри, и треба веќе да се видат и резултатите“ – вели македонскиот селектор.
Женската ракометна репрезентација на Македонија во изминатите пет години нема настап на големите натпреварувања. Последен пат макеоднските ракометарки играа на ЕП 2012 во Србија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА