Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска и утре ќе одигра два контролни натпревари со селекцијата на Италија, во рамките на подготовките во неделата на ЕХФ. И двата натпревари се со почеток во 16 часот, а ќе се играат во салата во Автокоманда, а третата контрола ќе биде против младинската селекција на 29 септември.
Селекторот Симе Симовски за овој собир на располагање има 17 репрезентативки. Во составот поради повреди на овој собир ги нема Теодора Керамичиева и Елена Ливрниќ, а според најавата, шанса ќе добијат и неколку ракометарки од младинската репрезентација кои со својот потенцијал се наметнуваат и за место во најдобрата селекција.
„Неделата на ЕХФ ќе ја искористиме максимално, ќе имаме 7-8 тренинзи и три контролни натпревари, два со репрезентацијата на Италија и еден со нашата младинска репрезентација. Тоа ќе биде можност да видиме и тие до каде се и кои од младите ракометарки полека може да се приклучуваат и во сениорскиот состав. Италија во моментов е добар противник. Не знам со кој состав ќе играат, но за нас се добредојдени овие два контролни натпревари. Ќе добијат шанса и некои од помладите ракометарки“ – истакнува селекторот Симе Симовски.
Најдобрите македонски ракометарки дел од подготовките одработеа во изминатите три дена, а сето тоа ќе биде финализирано во игра на трите контролни натпревари. Селекторот на македонската репрезентација израз задоволство од формата и од напредокот во играта на националниот состав.
„Овој систем што го тераме, го продолжуваме и сега. Има напредок во играта. Барам дисциплина, да нема импровизации и секој да знае што е негова задача. На овие контролни натпревари ќе видиме како ќе функионира сето тоа во игра. Се надевам на добра, позитивна игра, а резултатот ќе си дојде сам по себе“- вели Симовски.
Македонските ракометарки од 30 ноември до 2 декември ги очекуваат квалификациските натпревари за СП 2019 во групата со Азербејџан, Исланд и со Турција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА