Селекторот на македонската репрезентација, Симе Симовски, не може да биде задоволен од изданието на нашиот национален тим и убедливиот пораз од Шведска. Противникот реално е многу посилен, но разочарува прераната капитулација како доказ дека треба уште многу да се работи за да се фати приклучок кон поквалитетните селекции на европската „ракометна мапа“.
„Швеѓанките ја оправдаа фаворитската улога, им честитам на победата. Ние одигравме катастрофално во првите 20 минути од натпреварот. Оние совети кои ги дававме од клупата не беа целосно спроведувани на терен, па ваквиот резултат е неминовен. Во второто полувреме заигравме со подобар пристап, во одбраната бевме поагресивни. Севкупно гледано, дел од ракометарките не задоволија со пристапот, ќе треба да работиме на тој план. Ниту на физички план не делувавме најдобро, едноставно овие натпревари се поука, дека сите треба да инвестираме во себе и да работиме напорно за да напредуваме“ – изјави Симовски по денешниот убедлив пораз од Шведска (20-32).
Македонија овој квалификациски циклус го завршува со гостински меч против Србија во Ниш, каде нашите ракометарки повторно ќе ја имаат аутсајдерската улога.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА