Македонските ракометарки немаа многу среќа на денешната ждрепка во Глазгов со која беа одредени групите во квалификациите за СП 2019. За противници во новиот квалификациски циклус, Македонија ги доби селекциите на Турција, Исланд и на Азербејџан.
Уште на стартот, на Македонија и се падна да биде единствена репрезентација што беше префрлена од првиот во вториот шешир според процедурата, а потоа доби и релативно тешка група, со селекциите на Исланд и на Турција кои ни се добро познати противници и со Азарбејџан како непознаница.
„Пред ждрепката јас лично посакував некои други противници, односно, ги посакав Италија, Португалија и Грција, сите три репрезентации што се паднаа во третата група со Белорусија. Но, што е тука е“ – вели селекторот на македонската репрезентација, откривајќи што било посакувано во македонскиот табор пред ждрепката.
Наместо посакуваните противници, Македонија за место во баражот за СП 2019 во Јапонија ќе се бори со помалку посакуваните Исланд, Турција и Азербејџан. Селекции кои според оценката на селекторот се во сериозен подем.
„Што се однесува до нашата група, имаме сериозни противници кои се во подем. Со Исланд игравме два пати во претходните циклуси. Не се репрезентација од врвот, но одат напред. Со Турција игравме два пати на турнир, а ќе играме и сега на Медитеранските игри во Тарагона. Работат добро и добро функционираат иако имаат смена на генерации и неодамна го сменија тренерот. Турција направи А и Б селекција, имаат 2-3 ракометарки од постарата генерација и другите се млади играчи. Ќе имаме можност да видиме до каде сме со нив и на претстојните Медитерански игри“ – вели македонскиот селектор.
Од трите противници во новиот квалификациски циклус, засега најмалку информации има за селекцијата на Азербејџан. Македонија играше против Азербејџан пред осум години, во квалификациите за СП 2011 и славеше со 26-20, но тогаш во комплетно подруг состав.
Со оглед на далечината, постои можност репрезентациите во групата да се договорат да одиграат турниски систем во квалификациите, како што беше случај и во претходниот циклус во квалификациите за СП 2017 година кога натпреварите од нашата група се играа на Фарски Острови.
Во европскиот дел од квалификациите за СП 2019, ќе играат 16 репрезентации поделени во четири групи. Првоплсираните репрезентации во групите и најдобрата второпласирана селекција во овој циклус, обезбедуваат пласман во баражот за СП 2019.
На СП 2019 во Јапонија ќе настапат 13 репрезентации од Европа. Директeн пласман ќе имаат актуелниот светски шампион Франција и трите најдоброрангирани селекции од ЕП 2018. Ним ќе им се придружат деветте селекции што ќе го минат баражот во јуни наредната година.
СП во Јапонија ќе се одржи од 29 ноември до 15 декември 2019 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА