Еден од најдобрите македонски одбојкари, поранешниот репрезентативец Јовица Симовски, најавува дека ќе направи радикални промени во работата на Одбојкарската федерација на Македонија ако ја добие довербата од делегатите, утре на Изборното собрание закажано за во Штип. Тој смета дека начинот на работа на актуелното раководство предводен од претседателот Петар Јованоски кој бара нов мандат е нетранспарентен и дека одбојкарите, одбојкарките и одбојкарските работници немаат никакви информации за тоа што и како се работи во ОМФ.
„Федерација затворена со катанци – таква е сега Одбојкарската федерација. Сакам тоа да го променам. Да ги вратам легендите и поранаешните одбојкари и одбојкарски работници. Да направам тим од дваесетина луѓе кои секојдневно ќе работат заедно. Не сум јас најпаметен. Отворен сум за соработка и совети. Но, за работа на Федерација е потребен поголем тим. Мора да се променат работите. Сите звучни имиња како Јошко Миленковски, Жарко Ристоски и некои други беа буквално избркани од репрезентацијата затоа што немаа исто мислење со актуелното раководство“ – вели Симовски.
Смета дека треба да се направат промени во работењето со репрезентацијата, но и во начинот на раководење на првенствата.
„Сакам да воведам систем на субвенционирање. Првенствено за клубовите кои би настапувале во европските купови. Може да им бидат субвенционирани дел од трошоците. Истото или слично треба да се воведеа и во домашните првенства. Особено сега во оваа тешка ситуација поради коронавирусот. Да се укинат котизации, сега е моментот кога клубовите треба да добијат помош“.
Изборното собрание на ОФМ е закажано за утре напладне во Штип. Право на глас имаат сите клубови од највисоките категории во двете конкурнеции. Тоа според бројот на учесници во првите лиги се 21 делегат. Поради пандемијата на коронавирусот, ОФМ најави дека собранието ќе се одржи под строги мерки и протоколи за заштита на здравјето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА