Селекторот на женската ракометна репрезентација на Македонија, Симе Симовски очекувано е задоволен од пласманот во баражот за пласман на СП и убедливото минување на квалификациската група со три победи, против Азербејџан, Исланд и Турција.
„Се подготвувавме добро за овие три натпревари и успешно дојдовме до зацртаната цел – бараж за СП. Девојките на сите натпревари одиграа согласно договореното, дисциплинирано во напад а дрско во одбрана. Секако задоволен сум од одиграното и од резултатите, и ако направиме некоја хронологија од Тарагона па преку Италија факт е дека одиме во некоја нагорна линија со играта“ – изјави Симовски по денешниот триумф над Турција и дополни:
„Сега чекаме бараж. Само два меча не делат од остварување на сонот. Ако работиме наредниот период квалитетно и максимално мислам дека можеме да дојдеме и до толку посакуваниот пласман на Светско првенство. Малку среќа ни треба за да го минеме и тоа скалило. Ако добиеме противник по мерка се е можно“ – вели македонскиот селектор.
А, околу тоа која репрезентација би била баш по мерка…
„Неблагодарно е тоа да се каже. Не би издвоил ниту една затоа што, во секој случај, сите тие се повеќе од квалитетни репрезентации. Сите се учеснички на Европско првенство и тоа јасно кажува за нивниот квалитет. Ние треба да ја гледаме сопствената игра, добро да се подготвиме и без притисок и страв да одговориме на предизвикот“ – истакнува Симовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА