Женската ракометна репрезентација на Македонија по убедливата победа против Азербејџан (41-22) ги прокнижи првите бодови во квалификациите за бараж за СП 2019 во Јапонија. Иако селекцијата на Азербејџан ја има улогата на аутсајдер во групата, тоа не ја намалува важноста на оваа победа за Македонија. Селекторот Симе Симовски ја издвои дисциплината во играта како еден од најпозитивните елементи во денешната победа, но и предупреди дека утре против Исланд ќе биде многу потешко и ќе нема простор за грешки.
„Репрезентацијата на Азербејџан дојде ослабена, не им дојдоа неколку ракометарки и затоа овој натпревар беше полесен од очекувањата. Ние одигравме добро, дисциплинирано, но во вториот дел во одбраната потрфлија некои играчи и на тоа ќе мораме да посветиме внимание пред утрешниот меч. Утре ќе биде сосема поинаку, противникот е од поинаков ранг и ќе мораме да бидеме многу, многу внимателни и дисциплинирани ако сакаме да дојдеме до добар резулат. Генерално, задоволен сум од денешната победа, но ова е само почетокот на квалификациите, сега доаѓаат вистинските предизвици“ – изјави селекторот Симе Симовски.
Во вториот натпревар во групата, утре Македонија ќе игра против Исланд, а в недела е последниот дуел против селекцијата на Турција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА