Синдикатот на фудбалери до клубовите: Ако сакавте наш став најпрво требаше да барате да присуствуваме на средбите со ФФМ…

По прозивките од одредени домашни прволигаши со свој став околу начинот на продолжување на сезоната 2019/2020 да се огласат и останатите домашни организации кои го покриваат фудбалското функционирање, свое соопштение испрати Синдикатот на фудбалери на Македонија од каде велат дека тие ниту се надлежни, ниту може да се мешаат во одлуките кои треба да ги донесе ФФМ и клубовите.

А, доколку клубовите сакале став од Синдикатот на фудбалери тогаш најпрво ова здружение требаше да биде покането на заедничките средби.

СООПШТЕНИЕТО ОД СИНДИКАТОТ НА ФУДБАЛЕРИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Со сета почит кон сите фудбалски клубови, фудбалски работници и сите засегнати страни во македонскиот фудбал ве замолуваме да не го прозивате СФМ за нешто што не е надлежен. СФМ ниту ја води Првата македонска лига ниту ја организира. Кога веќе не прозивате, требаше да барате и СФМ да присуствува на состанокот меѓу ФФМ и сите клубови од Прва македонска лига. Она што таму е договорено го знаете само тие што бевте таму присутни.

Во ниту еден момент не сакаме да си дозволиме да се мешаме во политиката на ФФМ и на сите мак-клубови. Наша грижа се фудбалерите, и се трудиме во оваа ситуација да помогнеме колку што можеме. Од наша страна се контактирани сите клубови од Прва македонска лига и понудена е помош во тестирањето на КОВИД 19. Сите играчи, комплет стручниот штаб и сите луѓе од управата и клубот кои имаат контакт со играчите ќе можат да се тестираат. Со напомена дека СФМ ги покрива финансиски сите тестови.

Организација на лигата и нејзино водење е под капата на ФФМ и клубовите. Доколку мислите дека имате потреба од наше мислење поканете не на состанок и ќе го изнесеме.

Ние ќе го почитуваме заедничкиот став на ФФМ и клубовите, но тој став да не биде по штета на здравјето на фудбалерите. Доколку ФФМ и клубовите мислат дека првенството треба да продолжи тогаш бараме максимални безбедни услови за сите учесници во тие натпревари.

Спортски поздрав,
Синдикат на фудбалери на Македонија-СФМ

Се вчитува...