Синер е крал на АТП-шампионатот, преку Фриц до круната што му недостигаше

Јаник Синер уште повеќе се зацврсти на врвот на светскиот тенис откако Италијанецот славеше на АТП-шампионатот во Торино, во големото финале совладувајќи го Тејлор Фриц со 2-0 во сетови. Откако лани во финалето беше преслушан од Новак Ѓоковиќ, Синер овојпат не дозволи слично сценарио, одигра одличен меч и заслужено се закити со трофејот.

Првиот сет беше израмнет до 3-3, кога Синер успеа да ја искористи третата брејк топка на сервис на противникот и да поведе со 4-3, на крајот добивајќи го сетот со 6-4, откако во десеттиот гејм спаси една брејк -топка за израмнување.

Слично беше сценариото и во вториот сет, во кој Синер при 2-2 ја искористи втората брејк-топка, успеа да поведе и потоа да го исконтролира мечот до конечните 6-4, 6-4.

Со ова, италијанскиот тенисер маестрално ја заокружи оваа 2024 година во која стигна и два пехара од гранслем турнирите (Австралија Опен и УС Опен), со вкупен скор од 77 победи и само шест порази во оваа календарска година.

Се вчитува...