Јаник Синер ја продолжи жетвата на трофеи во 2024 година откако италијанскиот тенисер славеше во финалето против Новак Ѓоковиќ во Шангај, за свој четврти мастерс-пехар годинава, за дополнително зацврстување на првото место на АТП-листата. Ѓоковиќ се надеваше дека токму во Шангај ќе стигне до јубилејниот 100. трофеј во кариерата, но Србинот налета на ривал што беше порасположен од него и заслужено се закити со титулата.
Првиот сет донесе израмнета битка, па мораше да биде решен во тајбрејк. Синер прв се одлепи, а Ѓоковиќ направи голема грешка на мрежата при 5-3, по што Италијанецот знаеше како да го приведе сетот и да слави со 7-4. Првиот носител успеа да стигне до брејк за водство од 3-1, а потоа сервираше доминантно до самиот крај, Ѓоковиќ немаше ниту една брејк-шанса, па Синер го доби ова финале со конечни 7-6, 6-3.
Ова беше трета победа во низа за Синер во последните три пресметки со Ѓоковиќ, а вкупниот биланс во нивните дуели сега е израмнет, 4-4.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА