Ерата на големата „тројка“ во светскиот тенис заврши уште пред неколку години, Новак Ѓоковиќ дефинитивно се приближува до крајот на кариерата, а во новата ера доминираат двајца врвни тенисери – Јаник Синер и Карлос Алкараз.
Синер во голем стил ја заврши календарската година стигнувајќи до трофејот на АТП-шампионатот во Торино, а првиот настап во 2026 ќе го има на 10 јануари, на ревијален меч во Инчеон токму против Алкараз. Италијанецот во последното интервју што го даде во татковината имаше само пофални зборови за својот најголем ривал.
„Едвај го чекам тој дуел со Алкараз, кој ќе ми биде одлична подготовка за Австралија Опен. Имам максимална почит кон Карлос, тој е тенисер без никаква слабост, затоа е и еден од најдобрите, ако не и најдобар во моментов. Секој меч со него е вистински предизвик, но истовремено и задоволсттво. Секоја наша нова средба е ново сценарио“, изјави Синер.
Италијанецот има шест победи и десет порази во пресметките со шпанскиот ривал, но славеше во последните две пресметки, во финалето на егзибицискиот турнир во Ријад и потоа во финалето од АТП-шампионатот во Торино.
„Алкараз е многу брз, стигнува се и воопшто не е лесно да го доведете во тешка ситуација на теренот. Згора на тоа и ментално е многу силе, секој поен го игра како да му е последен. Тоа се оние детали во кои е различен од сите останати, затоа е толку тешко да се игра против него“, прокоментира Јаник Синер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

