Италијанскиот тенисер Јаник Синер се пласираше во четвртфиналето на Отвореното првенство на САД по убедливата победа над Александар Бублик од Казахстан со резултат од 3:0 – во сетови 6:1, 6:1, 6:1.
Дуелот траеше нешто повеќе од еден час и 20 минути, а првиот носител на турнирот наметна ритам уште од самиот почеток што неговиот противник не можеше да го следи.
Синер беше апсолутно доминантен во текот на целиот натпревар – самоуверен на сервисот, прецизен во своите акции и тактички беспрекорен. Бублик, од друга страна, не успеа да најде решение за својот ривал, честопати прибегнувајќи кон импровизација, но тоа не го обесхрабри фокусираниот Италијанец.
Со оваа победа, Синер поведе во меѓусебните средби со Бублик – сега води со 5:2, а воедно се одмазди и за поразот во Хале, во нивната последна средба.
Во 1/4 финалето Италијанецот ќе се сретне со својот сонародник Лоренцо Мусети.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

