Синер го наследи Ѓоковиќ на тронот во Њујорк, Фриц немаше шанси во финалето

Јаник Синер се закити со вториот гранслем трофеј годинава, севкупно и втор во кариерата откако првиот носител стигна до пехарот на УС Опен, наследувајќи го Новак Ѓоковиќ на тронот во Њујорк. Синер за ривал во денешното финале го имаше Тејлор Фриц, американскиот тенисер пред мечот најавуваше битка и изненадување, овој дуел мина во апсолутна доминација на фаворитот кој триумфираше со максимални 3-0 во сетови.

Синер направи брејк уште во првиот гејм, поведе со 0-2, но Фриц возврати со серија од три гејма и водство од 2-3. Тоа беше се што Американецот успеа да стори во овој меч, откако првиот носител ги искористи проблемите со сервисот на Фриц, направи два нови брејка и славеше со 6-3. Во вториот сет се водеше поизрамнета битка, се до 4-4 кога Синер успеа да направи брејк и да го добие сетот со 6-4, за водство од 2-0 за само 76 минути игра во финалето.

Фриц конечно се разбуди во третиот сет, кога на средина од сетот направи брејк и поведе со 4-3. Кога беше најважно, Синер заигра најдобро, се врати од 3-5 и освои четири гејма во низа, за конечни 7-5 и своја прва титула во кариерата на УС Опен.

Се вчитува...