Синер „падна“, Алкараз е новиот крал и во Њујорк и на АТП-листата

Карлос Алкараз успеа да го симне Јаник Синер од тронот на УС Опен, но и од врвот на АТП-листата откако шпанскиот тенисер го совлада големиот ривал во финалето од американскиот гранслем турнир. Алкараз во меч во кој имаше неочекувана доминација заслужено стигна до победата за својот втор пехар во Њујорк, вкупно шести гранслем пехар, но и уште поважно – за камбек на првото место на АТП-листата по пауза од две години.

Шпанецот стартуваше импресивно, на самиот почеток го одзеде сервисот на противникот, со тој брејк трасирајќи си го патот до рутински добиениот прв сет со 6-2. Синер првата шанса за брејк ја имаше во вториот сет и веднаш ја искористи, задржувајќи ја предноста и славејќи со 3-6, прв и единствен загубен сет на Алкараз на овогодинешното издание на УС Опен.

Карлос возврати на неверојатен начин, со атомски тенис поведувајќи со 5-0. Синер едвај се спаси од „метла“ во третиот сет што Алкараз го доби со 6-1, проблемите со сервисот на првиот носител продолжија и во клучните моменти од четвртиот сет, Алкараз успеа да стигне до еден брејк и да го претвори во конечна победа од 6-2, 3-6, 6-1, 6-4.

Синер мораше да честита на поквалитетниот ривал, свесен дека овој пораз ќе значи и крај на неговата серија од 65 седмици како прворангиран светски тенисер, низа што почна од 10 јуни 2024 година.

Се вчитува...