Јаник Синер го продолжува походот по првата круна на Вимблдон откако италијанскиот тенисер стигна до билет за полуфиналето, славејќи во пресметката со Бен Шелтон од САД со 3-0 во сетови. Мечот беше важен бидејќи Синер по среќната победа над Димитров се пожали дека и тој има незгоден проблем со лакотот, но првиот носител сепак одигра доволно квалитетно за да стигне до посакуваниот резултат.
Првиот сет донесе израмнет тенис во кој двајцата тенисери рутински ги освојуваа гејмовите на свој сервис, по што следеше тајбрејк. Шелтон направи мини-брејк и поведе со 1-2, но потоа Американецот влезе во серија на грешки и Синер направи пресврт и славеше со убедливи 7-2.
Проблемите со повредата станаа очигледни во вториот сет кога првиот светски рекет почна да се мачи при некои удари, но Шелтон имаше катастрофален ден со својот бекхенд, губејќи важни поени. Италијанецот го доби вториот сет со 6-4, а потоа во третиот беше израмнето до 4-4, кога Синер повторно заигра најдобро кога беше најважно, ја искористи третата меч-топка и стигна до билет за полуфиналето.
Таму италијанскиот тенисер го очекува победникот од последното четвртфинале меѓу Ѓоковиќ и Коболи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

