Синер: Сакав да бидам Ф-1 возач, но немав пари… па станав тенисер

Суспензијата на Јаник Синер истекува на 4 мај и италијанскиот тенисер е подготвен за камбек на терените, а прворангираниот ас на АТП-листата во последното интервју говореше за пеколот што го мина во изминатиот период.

Синер доби минимална казна за големиот допинг-скандал, навлекувајќи го бесот на голем број професионални тенисери кои јавно говореа против него.

„Ми беше чудно на почетокот, но полека се навикнував… Во Австралија беше навистина чудно, во соблекувалната, во ресторанот… забележував како многумина ме гледаат попреку, што секако не ми се допаѓаше… Секој има право да мисли што сака и да зборува што сака, за мене е најважно што сето тоа го оставив зад себе. Беше многу тешко, не би посакал никому да го мине она што мене ми се случуваше периодов“, истакнува Синер.

Тој одговори и на прашањето, со што би се занимавал ако не решеше да стане професионален тенисер.

„Искрено, оние кои ме знаат како дете знаат колку сакав автомобили. Мојот прв сон беше да станам возач во Формула 1, но сите знаат колку е скап тој спорт. Затоа се решив да тргнам на тенис и не згрешив. Секогаш сум сакал фудбал, сум гледал фудбал, но никогаш сум немал таква поврзаност да посакам да тренирам и да се занимавам со овој спорт“, откри Јаник Синер.

Се вчитува...