Џек Синер е вториот полуфиналист на Австралија опен откако италијанскиот тенисер успеа да слави во четвртфиналната пресметка со Андреј Рубљов од Русија. Иако резултатот е со максимални 3-0 во сетови, треба да се истакне дека Синер добро се испоти за да стигне до полуфиналето, каде го очекува пресметка со првиот носител Новак Ѓоковиќ.
Италијанецот го доби првиот сет со 6-4, но потоа се соочи со големи проблеми во вториот дел од мечот. Рубљов не искористи дури шест брејк-шанси во неколку гејма за да стигне до брејк, а кога почна тајбрејкот Русинот се чинеше многу блиску до освојување на сетот. Имено, Рубљов имаше предност од 5-1, но Синер тогаш блесна, освои шест поени во низа и со голем пресврт поведе со 2-0 во сетови.
Рубљов имаше шанса за брејк и на самиот почеток од третиот сет, но откако и тоа не го искористи, Синер во шестиот гејм стигна до брејк (иако противникот имаше 40-15 на сопствен сервис), трасирајќи си го патот кон полуфиналето, прво за него во Мелбурн во кариерата.
За потсетување, Синер и Ѓоковиќ одиграа два извонредни меча на завршниот турнир во Торино пред крајот на 2023 година, на првиот во групната фаза славеше Италијанецот, но затоа Ѓоковиќ го доби големото финале неколку дена подоцна и се закити со трофејот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

